По одлуката на Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност да му предложи на Советот на јавни обвинители да биде разрешена Вилма Русковска, таа вели дека ја нема добиено одлуката, и дека ова го знае од тоа што е објавено на Јавното обвинителство и затоа не сака да ја коментира.
Поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во изјава за „Макфакс“ вели дека не смета оти е поразена со одлуката на дисциплинската комисија, со која се бара нејзино разрешување од обвинителската функција.
„Ќе се борам до крај со сите средства“,вели Русковска за порталот, додавајќи дека одлуката била донесена одамна, уште кога таа била на сослушување во Обвинителството.
Русковска е децидна дека не се кае што не отишла во пензија, со што би спречила да биде разрешена или казнета на друг начин во дисциплинската постапка.
Таа за „Макфакс“ додаде и дека не смета оти случајот против нејзе е политичка нарачка, туку „борба помеѓу правото, правдата и неправдата“.
Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност денеска донесе одлуки за трите обвинителки: Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифоска, откако за нив беше отворена постапка поради претресот во Управата за финансиска полиција (УФП) минатото лето.
За Русковска, Комисијата одлучила да му предложи на Советот на јавни обвинители да биде разрешена.
„За поранешната основна јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е утврдено дека е одговорна за сторена тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за Јавното обвинителство и Комисијата одлучи да поднесе предлог за нејзино разрешување до Советот на јавните обвинители“,соопштија од Јавното обвинителство.
Предлогот да се поведе дисциплинска постапка го даде републичкиот обвинител Љубомир Јовески, кој дополнително по Русковска ја суспендира и од работа.
Претресот од УФП од страна на ОЈО ГОКК беше извршен на 18 јули лани и со него се чини дека ескалираше антагонизмот помеѓу Русковска и тогашниот директор на Управата, Арафат Муареми.
Муареми тогаш јавно обвинуваше за незаконит претрес и најави и кривични пријави против трите обвинителки.
Тогаш, по налог на Јовески беше извршен и надзор, по што од Јавното обвинителство излегоа со соопштение дека констатирале пропусти во постапувањето при претресот во УФП, меѓу што посочија и дека во барањето за претрес до судот што го поднеле обвинителките било наведено дека има основи на сомнение за сторено кривично дело, а во списите од предметот имало само анонимна кривична пријава.