Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ќе бара продолжување на притворот на Драги Рашковски, а можно е и проширување на истрагата, најави шефицата на ова обвинителство, Вилма Русковска, во вечерашното интервју за „360 степени“.

„Сега работиме на собирање документација и сослушуваме сведоци за набавка на уште еден софтвер“, рече Русковска.

На прашањето за што бил тој втор софтвер, Русковска рече дека не знае детали, освен дека е поврзан со отпечатоци и дека Агенцијата за заштита на лични податоци се противела на таа набавка. Сега, вели таа, доколку соберат докази дека набавката и за овој софтвер е незаконска, ќе се прошири актуелната истрага. Таа рече дека во набавката на софтверот за отпечатоци не се јавува истата фирма „Инвока гроуп“, која е добитник на тендерот за софтверот за сообраќајни прекршоци.

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, на 21 април доби 30-дневен ефективен притвор. Обвинителството отвори истрага неполн месец од почетокот на предистрагата по допрен глас што следуваше по серијата објави на „360 степени“ поврзани со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци. Освен Рашковски, во притвор е и сопственикот на фирмата добитник на јавната набавка „Инвока гроуп“, Даниел Станчев. Осомничени се уште две лица, од кои еден беше на листата хонорарци на Владата. На овие двајца осомничени им се одредени мерки на претпазливост – одземени пасоши, забрана за напуштање на живеалиштето и повремено јавување во судот.

Русковска вели дека истрагата не е при крај, бидејќи е отворена неодамна.