Лидерите на Европската унија нема да се согласат за воведување нови санкции против Русија за време на дводневниот самит во Брисел, изјави холандскиот премиер Марк Руте.
– Не очекувам конкретни нови санкции денеска. Не можеме да размислуваме за санкции со толку голема група, ни требаат предлози. Веќе воведовме многу санкции, сега влегуваме на покомплексен терен, истакна Руте по пристигнувањето на состанокот на 27-те лидери на европскиот блок.
Луксембуршкиот премиер Ксавиер Бетел изјави дека треба да се воведат нови санкции на ЕУ против Русија поради нападот врз Украина како реакција на новиот развој на кризата, што, според него, во моментов не е случај.
– Ако сакаме да имаме нови санкции, мора да ги имаме како реакција на нешто. Засега ситуацијата не се подобрува, тоа е сигурно, нагласи Бетел по пристигнувањето на самитот.
Според него, доколку сега се воведат дополнителни санкции во ситуацијата што претставува статус кво, „тогаш што би бил следниот чекор“.
– Мислам дека мора да имаме градација, додаде Бетел.