Чешката Република одобри распоредување на 650 војници на територијата на својот партнер во НАТО и сосед Словачка.

Долниот дом на чешкиот Парламент денеска даде поддршка за предлогот. Сенатот веќе го одобри испраќањето на војниците, кои се дел од мултинационалната борбена група која е распоредена за зајакнување на источното крило на НАТО додека трае инвазијата врз Украина. Словачка има заедничка граница од речиси 100 километри со Украина.

Чешката министерка за одбрана Јана Чернохова го истакна симболичното значење на распоредувањето.

Чешката Република и Словачка мирно излегоа од поранешна Чехословачка на 1 јануари 1993 година. Тие дотогаш имаа заедничка армија.

Трошоците за распоредувањето на војниците се проценуваат на околу 23 милиони долари.

Во борбената група, освен Чешка и Словачка, свој придонес имаат и Германија, Словенија, Полска и Холандија.