Сојузниците ги следат барањата на Трамп, иако некои беа бавни

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Алијансата е подготвена да игра улога во евентуална мисија за обезбедување на Ормутскиот теснец, доколку има можност.

„Ако НАТО може да помогне, тогаш очигледно нема причина да не помогне“, рече Руте за време на говорот во Вашингтон, пренесува Ројтерс.

Тој додаде дека земјите-членки прават сè што побара американскиот претседател, Доналд Трамп, за зајакнување на воениот сојуз. Иако, како што посочи, некои првично беа „малку бавни“ во обезбедувањето на поддршка за време на конфликтот меѓу САД и Иран.

„Кога дојде време да се обезбеди логистичката и друга поддршка што САД ја побараа во однос на Иран, некои сојузници беа, благо речено, малку бавни. Вистината е дека и тие беа донекаде изненадени. За да го одржи елементот на изненадување за првичните напади, претседателот Трамп одлучи да не ги информира сојузниците однапред“, истакна Руте.

Тој додаде дека НАТО ќе продолжи да ги координира активностите со САД и ќе обезбеди поддршка во рамките на своите можности, доколку тоа се покаже како потребно за стабилноста и слободната пловидба во Ормутскиот теснец.