НАТО и Украина работат на безбедносни гаранции, истакнаа Руте и Зеленски во Киев, за да се спречи повторен напад на Русија
НАТО и Украина работат на безбедносни гаранции за Киев за да се спречи повторен напад од Русија. Истакна генералниот секретар на Алијансата Марк Руте на заедничка прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.
„Солидни безбедносни гаранции ќе бидат од суштинско значење и во моментот работиме на тоа,“ рече Руте, нагласувајќи дека сојузниците и Украина заедно ги подготвуваат овие мерки.
Зеленски посочи дека Русија прави сè за да спречи средба на највисоко ниво помеѓу лидерите на Украина, САД и Русија.
„Прашањето за прекин на војната треба да се реши на ниво на лидери, но сега гледаме дека Русите прават сè што е можно да ја спречат средбата. За разлика од Русија, Украина не се плаши од никакви средби со лидери. Ние сме подготвени продуктивно да работиме, до максимален можен степен,“ истакна Зеленски.
Тој додаде дека очекува партнерите да помогнат да се обезбеди барем минимална продуктивна позиција од Русија. „Треба да ги принудиме да се вклучат во дипломатијата. Потребни ни се навистина силни санкции ако тие не се согласат на дипломатско решение за оваа војна, ако не сакаат да ја завршат. Сметаме на силни санкции од нашите партнери,“ нагласи украинскиот претседател.
Зеленски уште еднаш истакна дека тој и Руте разговарале за безбедносните гаранции за Украина од другите земји. Нагласи дека тие, според него, треба да бидат слични на Член 5 од Повелбата на НАТО.