Нов мировен план од 14 точки и предупредувања од Вашингтон

Новиот мировен предлог што Иран го испратил до САД отвора можност за разговори, но реакцијата од Вашингтон е резервирана. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе го разгледа документот, но нагласи дека останува скептичен кон намерите на Техеран и оцени дека Иран сè уште не „платил доволно висока цена“.

Според ирански агенции, предлогот бил доставен преку Пакистан и содржи 14 точки. Во него се бара повлекување на американските сили од регионот, укинување на санкциите и ослободување на замрзнатиот ирански имот, како и воспоставување нов механизам за контрола на Ормускиот теснец.

Трамп воедно најави дека опцијата за нова воена акција останува отворена, доколку, како што рече, Иран „се однесува лошо“. Во меѓувреме, Вашингтон предупреди дека компаниите кои ќе плаќаат на Иран за безбеден премин низ Ормускиот теснец може да се соочат со санкции.