Светскиот ден на слободата на медиумите и неговото значење

Под мотото „Обликување на иднина во мир“, утре и задутре во Лусака, Замбија, ќе се одржи глобална конференција по повод 3 Мај, Светскиот ден на слободата на медиумите.

Денот е воспоставен со одлука на Генералното собрание на Обединетите нации и препорака на УНЕСКО од 1991 година, а се одбележува од 1993 година. Целта е промоција на слободата на медиумите, заштита на новинарските слободи и борба против влијанија врз медиумите.

Датумот е поврзан со Декларацијата Виндхоек од 1991 година, усвоена од африкански новинари во Намибија, која промовира независно и плуралистичко новинарство.

УНЕСКО и Европската Унија предупредуваат на растечки притисоци врз медиумите

УНЕСКО наведува дека слободата на медиумите и независното новинарство се клучни за мир, економски развој и човекови права. Во најновиот извештај за периодот 2022–2025 се констатира најголем пад на медиумските слободи од 2012 година.

Во документот се посочува дека манипулацијата со информации, вклучително и употребата на вештачка интелигенција, ја намалува довербата во медиумите. Се предупредува и на зголемена економска нестабилност и раст на самоцензурата за повеќе од 60 проценти.

Европската Унија порача дека новинарите се сè почесто изложени на насилство, закани и притисоци, вклучително и SLAPP тужби кои ја ограничуваат слободата на изразување. Се посочува дека 2025 година била најсмртоносна за медиумските работници на глобално ниво.

Слободните медиуми се темел на демократијата

ЕУ нагласува дека демократијата не може да постои без слободни медиуми и дека правото на информирање е основно човеково право.

Во соопштението се истакнува дека новинарите мора да бидат заштитени, а владите да воспостават правни механизми против злоупотреба на судски постапки. Се предупредува и на ширење дезинформации и пропаганда преку псевдомедиуми.

ЕУ најавува продолжена поддршка за независното и квалитетно новинарство преку соработка со меѓународни организации како ОН и УНЕСКО.

Во Македонија, Светскиот ден е одбележан со крводарителска акција во организација на медиумски здруженија и Црвениот крст.