САД сè уште не се запознати со Хаванскиот синдром или кој е одговорен за таа болест, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен во денешното интервју, откако се разболеа американски дипломати во Париз и Женева.

Блинкен истакна дека целата федерална влада работи на разјаснување што ја предизвикува болеста, која ги погоди речиси 200 американски дипломати, службеници и членови на нивните семејства во странство.

– До денес не знаеме што точно се случило и не знаеме точно кој е одговорен, рече Блинкен во интервју за Ем Ес Ен Би Си.

„Волстрит журнал“ денеска пишува дека функционерите на американските дипломатски мисии во Париз и Женева се разболеле, каде што САД и Русија во понеделникот одржаа безбедносни разговори за ситуацијата во врска со Украина во близина на чии граници Русија распореди големи воени сили.

Блинкен рече дека САД им го спомнале прашањето за болеста на Русите, но сè уште не може да каже кој е одговорен.

Мистериозната болест предизвикува симптоми како што се мигрена, гадење, губење на меморијата и вртоглавица. Таа првпат беше забележана од американски официјални лица во Хавана во 2016 година.

– Работиме максимално во целата влада за да се разјасни што се случило, кој е одговорен. И да ги згрижиме погодените и да го заштитиме целиот наш народ колку што можеме, нагласи американскиот државен секретар.