Патувањата ќе бидат главно забранети почнувајќи од понеделник од Јужна Африка, Боцвана, Зимбабве, Намибија, Лесото, Есватини, Мозамбик и Малави, изјави висок функционер во администрацијата на претседателот Џо Бајден.

Само американските граѓани и постојаните жители се уште ќе можат да патуваат од осумте земји, додаде официјалниот претставник. „Потегот е спроведен поради претпазливост од новата варијанта на Ковид-19 што циркулира во Јужна Африка“, рече официјалниот претставник.

Министерот за здравство на Канада Жан-Ив Дуклос соопшти дека државата ограничува патувања од седум земји во јужна Африка, регион кој пријави случаи на нова – и можеби позаразна – варијанта на Ковид-19. Почнувајќи од денеска, на сите странски државјани кои патувале од Јужна Африка, Намибија, Зимбабве, Боцвана, Лесото и Мозамбик во последните 14 дена ќе им биде забранет влезот во Канада.

На канадските граѓани и на постојаните жители ќе им биде дозволено да се вратат дома од овие земји, но од нив ќе се бара да ги чекаат резултатите од тестот по пристигнување во хотел.