Претходно Франција ја откажа поканата на британската министерка за внатрешни работи Прити Пател за средба поради ситуацијата во Кале, нагласувајќи дека односите меѓу двете земји станале загрижувачки.

Трговските правила и правата за риболов договорени по излегувањето на Обединетото Кралство од Европската унија, исто така, се доведени во прашање.

-Ме изненадува кога работите не се сфаќаат сериозно. Не комуницираме меѓу лидерите со објавување на Твитер или отворени писма, не сме свиркачи. Ве молам. Ве молам, рече Макрон на прес-конференција во Рим.

Така Макрон му одговори на писмото на британскиот премиер Борис Џонсон, во кое тој му напиша на „драгиот Емануел“ што мисли дека треба да се направи за да се одвратат мигрантите од опасното патување.

Џонсон, кој претходно ја обвини Франција, побара во писмото да се согласи на заеднички патроли долж нејзините брегови и да ги прифати назад мигрантите кои пристигнуваат во Британија.

Француската влада, бесна од писмото и особено од фактот што Џонсон го објави на Твитер, ја откажа поканата на министерката Пател за неделна средба со министрите на ЕУ за можните начини за борба против имиграцијата.

Портпаролот на Џонсон рече дека премиерот го објавил писмото за да ја информира јавноста за тоа што прави владата, додавајќи дека не жали за својата одлука, но се надева дека Франција ќе го преиспита повикот за разговори.

На прашањето дали жали за писмото во кое се бара од Франција да и` се вратат мигрантите кои илегално го преминале Ла Манш, портпаролот одговори: „Не, како што рече самиот премиер, тој и претседателот Макрон ја признаа итноста на ситуацијата“.

Завчера 27 мигранти се удавија во Ла Манш во обид да стигнат до Британија, во најтешката несреќа во која загинаа мигранти во каналот меѓу Франција и Британија.