Портпаролката истакна дека Северна Кореја, сепак, се уште не одговара на американските понуди, пренесува јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“.
Специјалниот претставник на САД за Северна Кореја, Сунг Ким даде понуда во јуни да се сретне „насекаде, во секое време, без предуслови“ со севернокорејските официјални претставници.
Северна Кореја го игнорираше тој американски предлог, заедно со неколку други дадени од администрацијата на Џо Бајден од инаугурацијата во јануари.
Изјавата на САД за подготвеност за средба со Северот доаѓа откако Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во својот извештај вели дека Северот се чини дека го рестартира својот нуклеарен реактор што произведува плутониум.
Портпаролката на Белата куќа рече претходно дека извештајот на МААЕ ја нагласува итната потреба за продолжување на дијалогот со Северот.
Северна Кореја ги избегнува преговорите со САД за денуклеаризација откако самитот на лидерот Ким Џонг-ун со поранешниот американски претседател Доналд Трамп заврши без договор во Ханој во февруари 2019 година.