Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ќе пренасочи 52 милиони долари од Фондот за странска воена помош, првично наменети за четири земји во Европа и на Блискиот Исток. Парите ќе бидат искористени за поддршка на влади во Централна и Јужна Америка.

Стејт департментот денеска го извести Конгресот дека средствата наменети за Словачка, Северна Македонија, Тунис и Ирак ќе бидат пренасочени кон Панама, Перу, Еквадор и Колумбија.

Пренасочувањето, сепак, не значи укинување на американското финансирање за воените потреби на Северна Македонија, Словачка, Тунис и Ирак.

Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела ги посети Колумбија, Еквадор и Перу, каде што вети дополнителна поддршка.

„Средствата ќе бидат искористени за борба против наркотероризмот во нашето непосредно соседство и за продолжување на обезбедувањето на Панамскиот канал. Овие средства ќе ги спречат противниците да воспостават стратешки упоришта на нашата хемисфера“, се наведува во соопштението на Стејт департментот.