Американското Министерство за правда тврди дека Иран преку мрежа за трговија со криптовалути во Кина испрал повеќе од 1,5 милијарди долари добиени од наводно незаконска продажба на нафта. Министерството поднесе и барање за заплена на 61 милион долари, но нагласи дека наводите допрва треба да бидат докажани пред суд.

Според американските власти, кинеските компании „Blessed Trust“ и „Hexa Whale“ биле дел од мрежа преку која приходите од продажбата на иранска нафта се претворале во криптовалути и се префрлале до иранската влада, нејзини посредници и поврзани организации.

Компаниите наводно користеле сметки на берзата за криптовалути „Binance“, со седиште во Обединетите Арапски Емирати.

„Blessed Trust“ пред финансиските и криптовалутните сервиси се претставувала како компанија за управување со имот и чување дигитални средства. Американските власти, сепак, тврдат дека таа примала и префрлала пари од продажбата на иранска сурова нафта и нафтени деривати и учествувала во нивното претворање во криптовалути.

Според наводите, „Hexa Whale“ обезбедувала слични услуги, претставувајќи се како посредник во трговијата со стоки.

Американското Министерство за правда тврди дека мрежата од поврзани криптовалутни адреси примила и префрлила повеќе од 1,5 милијарди долари од продажбата на иранска нафта.

Дел од парите, според американските власти, бил пренасочен кон посредници кои работеле за Исламската револуционерна гарда, како и кон криптовалутни адреси и берза во Иран што Вашингтон ги поврзува со оваа организација.

Во шемата наводно бил користен и американскиот финансиски систем, преку кој компаниите примиле или испратиле десетици милиони долари.

Министерството за правда побара заплена на 61 милион долари од приходите од продажбата на иранска нафта. Американските власти тврдат дека станува збор за средства опфатени со санкциите на САД, кои преку наведената мрежа биле претворени во криптовалути.

„Со овој потег покажуваме дека сме цврсто решени да им ги скратиме средствата на иранската влада и нејзините терористички сојузници со кои ја загрозуваат безбедноста на граѓаните“, изјави заменикот на американскиот државен обвинител Шон С. Бакли.

Иранската новинска агенција „Фарс“, пак, во неделата, повикувајќи се на неименуван извор, објави дека приходите на Иран од продажбата на нафта само од 23 август надминале 2,5 милијарди долари.

Според „Фарс“, во првите пет месеци од иранската година, која започнува на 21 март, приходите од продажбата на нафта надминале 13 милијарди долари.