Соединетите Американски Држави го ратификуваа договорот со Албанија за заем во износ од 302 милиони долари, соопшти Амбасадата на САД во Тирана.

Од Амбасадата наведоа дека договорот треба да го поддржи напредокот на Албанија кон исполнување на обврската од Хаг, која предвидува зголемување на трошоците за одбрана на пет проценти од бруто-домашниот производ до 2035 година.

Заемот е одобрен во рамките на американската програма за странско воено финансирање и е наменет за модернизација на албанските вооружени сили.

Со средствата ќе може да се набавуваат воена опрема, системи и услуги во согласност со стандардите на НАТО.

Албанскиот парламент го ратификувал договорот на 27 јули, само со гласовите на владејачките социјалисти и без присуство на опозицијата.

Опозицијата начелно го поддржувала договорот, но оценила дека неговото усвојување по итна постапка било спротивно на Уставот.

Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, на 1 август ја потпишал уредбата, што опозицијата, исто така, го оценила како кршење на Уставот.