Промена на досегашната санкциска политика

Американските власти работат на издавање општа дозвола со која би се укинал дел од санкциите кон енергетскиот сектор на Венецуела, што укажува на значајна промена во досегашниот пристап кон оваа земја.

Според четири извори, Вашингтон планира да премине од поединечни изземања кон поширока дозвола која би опфатила дел од нафтената и енергетската индустрија. Соединетите Американски Држави со месеци го блокираат извозот на венецуелската нафта, при што воени бродови беа распоредени во Карипскиот регион за контрола на испораките.

На почетокот на јануари, американските сили го уапсија венецуелскиот претседател Николас Мадуро, наведувајќи дека треба да биде изведен пред американски суд под обвинение за „наркотероризам“. По неговото апсење, претседателската функција привремено ја презеде неговата заменичка Делси Родригез.

Договори, инвестиции и дозволи за компании

По промените, Вашингтон соопшти дека со Каракас е постигнат договор за испорака на нафта во вредност од две милијарди долари. Американските власти ги повикаа странските компании да инвестираат во Венецуела, при што проценките говорат дека вкупните инвестиции во следната деценија би можеле да достигнат и до 100 милијарди долари.

Во меѓувреме, дозволи за трговија беа издадени на компаниите „Витол“ и „Трафигура“. Паралелно, повеќе партнери и купувачи на државната нафтена компанија PDVSA поднесоа барања за проширување на производството и извозот. Меѓу нив се „Шеврон“, „Репсол“, „ЕНИ“, индиската рафинерија „Релајанс индустрис“, како и група американски услужни компании.

Причини за новиот пристап на Вашингтон

Според два извора, големиот број поединечни барања доставени до американската влада значително ја забавил реализацијата на плановите за проширување на извозот и за брзи инвестиции во Венецуела. Токму тоа било една од причините да се размислува за воведување општа дозвола наместо индивидуални изземања.

Канцеларијата за контрола на странскиот имот при Министерството за финансии на САД воведе санкции врз целокупната венецуелска енергетска индустрија во 2019 година, по претседателските избори на кои Мадуро освои уште еден мандат. Белата куќа тогаш соопшти дека изборите не биле легитимни, што беше основа за воведување на рестриктивните мерки.