Генералот Хенк Тејлор изјави дека американските воени претставници на аеродромот во последните денови комуницирале со талибанските команданти и добиле уверување дека повлекувањето на илјадници американски државјани и Авганистанци, кои ја напуштаат земјата со американски воени авиони, ќе продолжи и во наредните денови.

-Немавме непријателски ангажмани, напади, закани од талибанците, рече Тејлор, висок претставник на Здружената команда на началници на штабови на американската армија. Тој кажа дека откако аеродромот се отворил рано утринава, по неколкуте часа затворање поради загриженост за безбедноста, американската војска со седум лета евакуираше речиси 800 лица, вклучувајќи и 165 Американци.

Американското Министерство за одбрана во саботата испрати војници на аеродромот во Кабул за да ги брани излезните опции, додека талибанските бунтовници влегоа во Кабул по молскавична опсада низ целата земја и ја презедоа власта.

Тејлор рече дека од вчера бројот на американски војници е зголемен од 2.500 на околу 4.000 доцна попладнево.

Тој додаде дека САД имаат за цел да го зголемат воздушниот сообраќај до ниво од еден полет на час, за да можат дневно да превезат меѓу 5.000 и 9.000 патници.

-Убедени сме дека ги направивме вистинските чекори за да продолжиме со безбедни и организирани операции на аеродромот, рече тој.

Некои други земји, вклучувајќи ги Германија и Франција, исто така, успеаја да спуштат авиони за да ги земат своите граѓани и Авганистанците, кои имаат одобренија да патуваат во тие земји.