На Меѓународниот ден за борба со корупцијата и во пресрет на Денот на човековите права, САД преземаат десетина акции за промоција на повикот за одговорност за вршителите на корупција и за повредите на човековите права, а со санкции и визни ограничувања за 65 лица и ентитети од 17 земји, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

– Руската инвазија на Украина е суров потсетник дека корумпираните режими се меѓу оние кои најмногу вршат повреди на човековите права и злоупотреби. САД преземаат акции за адресирање на овие сеприсутни глобални предизвици, изјави денеска државниот секретар Ентони Блинкен.

Некои од тие лица и ентитети кои се ставени на списокот на санкции, а според Глобалниот акт Магнитски и Статијата 7031(с) за визни рестрикции на Стејт департментот, се од Иран, Кина, Русија, Северна Кореја, Хаити и Шри Ланка.

Под санкциите на САД се ставени и Централната изборна комисија на Русија и неколку службеници од администрацијата на претседателот Владимир Путин.

– Ја повторуваме нашата осуда за бруталните чинови на насилство на Иран врз мирните демонстранти, тековното негирање на човековите права и основни слободи и сеприсутната репресија и државно спонзорираното насилство врз жените, истакна Блинкен.

– Нашите акции се да ги нарушат и одвратат неселективните задржувања и физичко насилство од страна на Кина врз членови на верски малцински групи во Автономниот регион на Тибет и оние на Северна Кореја каде се забранува слободата на дижење, се напаѓаат барателите на азил и се експлоатира трудот за правење профит за државата, додаде тој.