Во операцијата биле користени и беспилотни летала LUCAS, американска верзија на иранските дронови „Шахед“

Централната команда на САД (CENTCOM) соопшти дека во вчерашните напади врз Иран, покрај борбените беспилотни летала, за првпат биле употребени и поморски камикази-дронови.

Според CENTCOM, во операцијата биле ангажирани и беспилотните летала LUCAS, познати како „Евтин систем за беспилотни борбени авиони без екипаж“. Станува збор за американска верзија на иранските дронови „Шахед-136“, кои Русија ги користеше во голем број напади за време на војната во Украина.

„Овие ефтини дронови, моделирани според иранските дронови Шахед, сега извршуваат американска одмазда“, објави CENTCOM на социјалните мрежи.

Поморските дронови достигнуваат брзина поголема од 60 километри на час

Воениот аналитичар Карл Шустер, поранешен директор на Заедничкиот разузнавачки центар во Пацифичката команда на САД, за CNN изјави дека американската војска во последните години тестирала повеќе видови беспилотни поморски системи.

Според него, најпогоден за еднократни напади е беспилотниот површински брод од класата „Флота“.

Шустер објасни дека овие пловила првично биле развиени за откривање и неутрализирање мини, како и за противподморнички операции, но поради брзината што надминува 60 километри на час можат да се приспособат и за камикази-напади.

Еден поморски дрон чини повеќе од два милиони долари

Според Шустер, цената на еден ваков беспилотен брод надминува два милиони долари, но тие се исклучително тешки за пресретнување.

Тој додаде дека и поморските беспилотни системи и дроновите LUCAS се дизајнирани да бидат распоредувани од американските крајбрежни борбени бродови.