Земјите-членки имаат различни барања за измена на предлогот на Европската комисија
Советот на Европската Унија денеска не успеа да постигне договор за продолжување и проширување на санкциите против Русија поради војната во Украина.
Одлуката ја потврди високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, по состанокот на министрите за надворешни работи на Унијата.
„Жалам што сè уште не сме постигнале едногласност, но сме доста блиску“, изјави Калас.
Таа посочи дека земјите-членки имаат различни причини поради кои бараат измени во првичниот предлог на Европската комисија.
Калас оцени дека завршувањето на војната во Украина би имало најдобар ефект врз економијата на сите членки на ЕУ. Поради тоа, според неа, потребни се краткорочни напори за зголемување на притисокот врз Русија.
Новиот пакет предвидува економски мерки и ограничувања за руски борци
Европската комисија на почетокот на јуни предложи нови санкции кои би вклучувале дополнителни економски мерки, но и забрана за влез во ЕУ за лицата кои служеле во руските вооружени сили од почетокот на војната.
„Ова е поврзано со нашата безбедност, не треба да им дозволиме на овие луѓе да влезат во Европа, тие се опасни“, рече Калас.
Таа додаде дека Русија нема програма за реинтеграција на поранешните борци во општеството.
Калас посочи дека ЕУ има подготвен план „Б“ доколку новото продолжување на санкциите не биде одобрено навреме.
Претходно таа најави дека со 21-от пакет санкции Унијата планира да стави на список уште 250 лица и субјекти поврзани со Русија.
