Саемот „Денови на медот 2025“ промовира чист и квалитетен каменички мед
Денеска, на Градскиот плоштад во Македонска Каменица, започнува саемот „Денови на медот 2025“, организиран од Пчеларското здружение „Еко Кам Мед“. Настанот има за цел да ги истакне природните и квалитетни производи на каменичките пчелари, создадени со многу љубов и труд, како и да ја промовира пчеларската традиција во регионот.
Од „Еко Кам Мед“ информираат дека саемот е посветен на зачувување на пчеларството и подигање на свеста за неговото значење во руралниот развој на Македонска Каменица и поширокиот регион.
Настанот е поддржан од Општина Македонска Каменица и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, што дополнително ја нагласува неговата важност и регионален придонес.
Во рамки на програмата, посетителите ќе можат да видат изложби на пчеларска и земјоделска опрема, производи од мед, здрава храна и традиционални ракотворби. Саемот нуди можност за вмрежување на производителите со потрошувачите, како и за размена на знаења, искуства и добри практики од областа на пчеларството.
Културно-уметничката програма ќе биде збогатена со настапи на играорци од Културно уметничкото друштво „Вера Јоциќ“ – Македонска Каменица, додавајќи уште повеќе живост и традиционален колорит на манифестацијата.