Пред месец и половина ВМРО-ДПМНЕ започна со темелна теренска акција „Заедно со народот“, рече на прес-конференција генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓиа Сајкоски.

-Тимови од партијата во првата фаза остварија состаноци со поголем дел на ажурирани членови на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и со голем број на граѓани кои се опозициски расположени и кои сметаат дека државата се движи во погрешен правец. Во оваа теренска акција беа посетени 40.237 семејства, при што испративме порака дека заедно со народот мора да ги донесеме промените и дека исклучително важно е во периодот што следи секој поединец и индивидуа да се вклучи со свој придонес, да се чуе гласот на народот и потребата да се смени власта. Доаѓаме до точка кога се зависи од одлуката на народот. Нам како партија не ни беа потребни црвени елеци за да не препознае народот, ниту пак се фалевме со фотографии како што тоа го правеше власта, ниту пак пренесувавме членови од едно на друго место за да нема празнини, ниту злоупотребувавме државни ресурсни и државни автомобили за да спроведеме партиска акција како што тоа го прави власта. Нам не ни требаше да кажуваме дека сме рамо до рамо, за да бидеме заедно со народот. Одговорно и искрено им пристапивме на 40.237 семејства кои бараат промени, нова надеж и се борат за нова иднина. Оваа успешна акција ја завршуваме повеќе од задоволни со точни пораки што е потребно и кои се реалните барања на народот. Имаме одговори и решенија како треба да ги поправат работите. Оваа акција ќе има своја втора фаза која ќе продолжи систематски и активно на терен. Но, исто така во периодот што престои ВМРО-ДПМНЕ подготвува обемна нова опсежна акција на мобилизација и теренско присуство за што дополнително ќе ги информираме граѓаните, истакна Сајкоски.

Ова е Македонија на која и се потребни промени и иднина за која ќе се избориме. Заедно со народот, продолжуваме! Порача Сајкоски.