Ѓоргија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието во своето гостување во емисијата „За или против“ зборуваше за Законот за амнестија каде потенцираше дека овој закон доаѓа пред избори и дека станува збор за еден штетен закон кој не носи ништо добро за државата. Имено тој додаде дека овој закон ќе донесе дополнителна штета за целото општество.

-Предлог законот за амнестија се уште  не е доставен до Собранието. Она што го слушаме во јавноста и она што го слушавме од страна на министерот, тоа се информациите кои што ги имаме за предлог законот за амнестија. Но, можам да кажам дека овој предлог закон за амнестија доаѓа пред избори, за неколку месеци од денес ќе има избори и мислам дека тој е еден штетен закон кој што не носи ништо добро на државата затоа што на ваков начин ние како држава покажуваме дека неправдата треба да стапи на сцена и дека во нашата држава фактички со законот и претходно со Кривичниот законик и со овој закон за амнестија ние покажуваме дека нефункционалноста на правдата, нефункционалноста на судскиот систем и севкупно што ни се случува во државата се пресликува со носење на нови законски решенија кои што се многу лоши и кои што ќе донесат дополнителна штета за целото општество, рече Сајкоски.

Сајкоски во текот на своето гостување потсети каква е состојбата во државата односно дека има тотална нефукционалност во државата и тоа треба што побрзо да се смени.

-Имајќи во предвид дека во нашата држава во изминатиов период ние гледаме дека ние имаме разградување на државата, имаме разградување на системот, имаме разградување и руинирање на голем број институции-стануваат нефункционални, имаме институции исто како да не постојат во нашата држава, имаме зголемен степен на криминал и корупција, имаме тотална нефукционалност во нашата држава што мора што побрзо да се смени. Јас ако се прашувам требало да се смени и вчера, и вчера беше доцна меѓутоа мора на денот на изборите да бидеме активни и до денот на изборите и на таков начин да дадеме шанса на нашата држава за да може да оди напред, вели тој.

Сајкоски порача дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го разгледа законот за амнестија, ќе дискутира и ќе направи се за ова законско решение да не помине.

-Со сите средства пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и ќе направи се неказнивоста да не биде принцип во нашата држава, бидејќи со ваквите законски решенија ние ја донесовме неказнивоста да биде принцип во нашата држава и даваме можност на секој да прави криминали, да корумпира и да го разградува нашето општество. Ние како пратеничка група ќе го разгледаме првично законот, ќе дискутираме во пратеничката група и ќе направиме се за да може ова законско решение да не помине, порача Сајкоски.