Колумна на Бранко Героски:

Очигледно е дека и здруженијата на македонските Бугари, кои наводно се грижат за својот статус и бараат место во македонскиот Устав, никако не можат да одолеат да ја замајуваат јавноста со својата „експертиза“ и со докажувањето дека „историски“ Македонија е Бугарија, а Македонците се Бугари. Знаејќи дека така ги потопуваат и надежите да се изнајде взаемно прифатливо решение за спорот. Едноставно, тоа е посилно од нив. Така и во новото писмо до Радев, Пендаровски, Петков и Ковачевски.

Претседателите на седум здруженија на Бугарите од Македонија напишале писмо до претседателите и до премиерите на Бугарија и на Македонија (Радев, Пендаровски, Петков и Ковачевски), во кое инсистираат „сите спорови да се решат сега – пред почетокот на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ, за да нема никогаш повеќе предуслови Бугарија да го запре овој процес“.

Авторите на писмото велат дека биле предизвикани од „одредени сили“ во Македонија, кои наводно настојувале моменталната ситуација со руската инвазија на Украина да ја искористат да повикаат на итен и безусловен почеток на преговорите меѓу РСМ и ЕУ, иако нема напредок за спорните прашања. „Овие луѓе дури навестуваат некои сличности меѓу постапките на Москва и на Софија“, кон Украинците и кон Македонците, се вели во писмото.

Иако се чини претерана и предизвикана од прекумерно гледање дебати на македонските телевизии, нервозата на претседателите на седумте здруженија е последица на свеста дека Македонците сепак не можат да го прифатат централниот наратив на софиската пропаганда за бугарското потекло на Македонија и на Македонците.

Секако, верувам дека постои взаемно разбирање меѓу двете страни дека спорните прашања треба да се решат во пакет, за да не се остават отворени теми кои би можеле да бидат причина Софија повторно со вето да ги блокира преговорите меѓу Македонија и ЕУ. Ја споделуваме сите и желбата до таков договор да се дојде што побрзо. Но, треба да биде јасно тоа не може да се случи сè додека Софија се обидува на секој можен начин договорот да опфати формулации со кои Скопје ќе го потпише оспорувањето на генезата и на самобитноста на македонската нација.

Бугарските здруженија и во ова писмо се обидуваат да ја протнат таа теза. Па велат: „Во овој случај, не можеме да не потсетиме на клучната улога на Советскиот Сојуз во процесот на создавање на македонизмот и неговото насилно наметнување како државна политика во Бугарија и во Југославија“.

Ова „не можеме да не потсетиме…“ е како во басната за шкорпијатa што ја боцнала жабата што ја пренесувала на својот грб преку реката. Иако ветила дека тоа нема да го стори и свесна дека сега и таа и жабата ќе потонат во реката, шкорпијата се оправдала: „Не можев да одолеам, тоа е посилно од мене“.

Очигледно е дека и здруженијата на македонските Бугари, кои наводно се грижат за својот статус и бараат место во македонскиот Устав, никако не можат да одолеат да ја замајуваат јавноста со својата „експертиза“ и со докажувањето дека „историски“ Македонија е Бугарија, а Македонците се Бугари. Знаејќи дека така ги потопуваат и надежите да се изнајде взаемно прифатливо решение за спорот. Едноставно, тоа е посилно од нив.

Не ми е јасно како очекуваат уважените претседатели на здруженијата да реагираат Ковачевски и Пендаровски, на едно писмо во кое повторно, по којзнае кој пат, се обидуваат да ја наметнат тезата за „Македонија творба на Коминтерната и на Тито“? Така ли ќе се обезбеди посакуваната брзина со која двете суверени држави треба да ги надминат недоразбирањата? Та дури и да се случи невозможното – Ковачевски и Пендаровски да се согласат со ваквите небулози и да обезбедат парламентарно мнозинство за ратификација на договор со таква содржина – тој понижувачки компромис ќе биде неодржлив и нема да се имплементира во Уставот и во македонското законодавство.

Јасно ли им е тоа на потписниците на ова писмо?

Па не се Ковачевски и Пендаровски будали да извршат политичко самоубиство на отворена сцена!

„Работиме и се стремиме кон брза патека, со решени проблеми, а не за идни недоразбирања и нови блокади“, се наведува во писмото. Дај боже да е така. И ако навистина е така, дајте нека престанат упорните уцени и веќе здодевните обиди Македонците да се натераат да ја прифатат софиската измислица дека се Бугари преобразени во Македонци по налог на Коминтерната, Сталин, Георги Димитров, Тито … Аман веќе, кога ќе се сфати дека таа приказна не поминува?

И дајте веќе нека се престане во македонско-бугарскиот спор да се бара некаква белосветска „геостратегија“ и во Скопје да се ловат некакви „тројански коњи“ на Москва!

Не можеме да не потсетиме дека е непристојно такви небулози да се шират во името на држава која повеќе од половина век беше под руска чизма и која е создадена со потписот на Русија. Денешна европска Бугарија не заслужува да биде навредувана на таков начин.

Дајте да ги оставиме премиерите, двете влади и шефовите на државите да се обидат да понудат взаемно прифатливо решение за спорот. Да помогнеме ако можеме, но да не одмагаме. Нека дојдат до решение, ако можат, нека го распакуваат пакетот и сите ќе видиме на што сме. Дури и да не се договорат сега, Софија и Скопје ќе мора пак да се обидуваат, а во меѓувреме двата народа мора да живеат пријателски.

Уште нешто. Глупаво е да се плеткаат Украина и Русија сосила во македонско-бугарскиот спор. Си имаат тие држави други грижи во моментов, многу поголеми и за светот многу позначајни од нашата балканска кавга. За која никој во светов во моментов не е претерано загрижен и нема што друго да ни понуди освен малку тапкање по рамо и празни думи. Така беше и пред кризата во Украина, да не се лажеме, пишува Бранко Героски во својата колумна за плусинфо.