Убиството на американскиот новинар Брент Рено е шокантени ужасен настан, изјави синоќа за Си-Ен-Ен, Џејк Саливан, советник за национална безбедност во Белата куќа.
-Ова е уште еден пример за бруталноста на Владимир Путин и неговите сили чии цели се училишта, џамии, болници и новинари, изјави Саливан.
САД работат на тоа рускиот претседател да плати висока цена, додаде тој.
Новинарот бил застрелан додека работел заедно со тим на снимање во Ирпин, предградие на Киев.
-Ние им помагаме на Украинците со секаква воена помош што можеме да ja организираме за тие да ги истеснат руските сили, изјави тој.
Во изјава за Си-Би-Ес, Саливан предупреди дека доколку Русија „почне да пука на територијата на НАТО“, блокот ќе одговори „со полна сила“.
Саливан вели дека тоа ќе го активира членот 5 на НАТО, според кој нападот врз еден сојузник се смета за напад врз сите сојузници.
-Доколку има воен напад на територијата на НАТО, тоа би предизвикало повикување на член 5, а ние би одговориле на тоа со целосните сили на НАТО“, изјави тој.
Изјавата дојде откако руските сили вчера истрелаа 30 проектили врз база што американски и други сојузнички инструктри ја користеле како тренинг центар за украински војници. Базата се наоѓа на само 24 километри од границата со Полска, членка на НАТО