Официјалните заклучоци усвоени од лидерите на ЕУ велат дека потребни се „постојани координирани напори“ за да се одговори на развојот на Ковид-19 и дека сите усвоени ограничувања не треба „несразмерно да го попречуваат слободното движење“ во или кон Унијата.

Откривањето на варијантата омикрон го поттикна враќањето на тестирањето Ковид-19 за оние кои пристигнувaaт во Ирска, Грција и Италија – дури и за вакцинирани патници. Поделбите беа очигледни пред почетокот на самитот, при што некои лидери се залагаа против понатамошни ограничувања на патувањето, јавува ДПА.

Премиерот на Луксембург Ксавиер Бетел рече дека нови патни ограничувања не се решение. Тој исто така истакна дека треба да се земе предвид и менталното здравје на јавноста.

Приоритет треба да се даде на бустер дозите, оцени белгискиот премиер Александар де Кро.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го бранеше враќањето на тестирањето како средство за намалување на инфекциите за време на празничниот период, појаснувајќи дека тоа им „купува време“ на властите додека трае кампањата за примање засилувачка доза вакцина.

И покрај разликите околу ограничувањата за патување, лидерите од ЕУ се согласија во нивните официјални заклучоци за важноста од координиран пристап за периодот на важност на дигиталниот Ковид сертификат на ЕУ.

Дигиталната пропусница му дозволува на сопственикот да патува во ЕУ ако е вакциниран, прележал Ковид-19 или има негативен ПЦР тест. Тоа беше централно за координирано враќање на слободата на движење во ЕУ по воведените „затворања“ на почетокот на пандемијата.

Некои земји-членки на ЕУ бараат да се приспособи сертификатот за Ковид за да се покаже ажурираната валидност на вакциналниот статус на носителот. Некои влади на ЕУ ги променија критериумите и за статусот на целосна вакцинација, за да вклучат трета доза вакцина во некои случаи.