Албанија е прва од западнобалканските земји која утре е домаќин на самитот ЕУ – Западен Балкан, што треба да го потврди стратешкото партнерство меѓу Унијата и регионов. Клучни теми на самитот, како што е најавено, се заедничкото справување со последиците од руската агресија врз Украина со фокус на негативните ефекти врз енергетската безбедност и достапноста на храна во регионот и разгледувањето координирани активности на безбедносните и одбранбени прашања. Но, наспроти обидите да се зајакне регионалната соработка, сенките на недоразбирањата и понатаму се надвиснати над Западен Балкан, особено во односите меѓу Србија и Косово. Затоа до последен момент беше неизвесно учеството на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој, сепак, попладнево реши да замине за Тирана

Разговарав со Ана (премиерката Брнабиќ), со пријателите, немам проблем, не се работи за моја суета, десет и пол години се трудам секогаш да се грижам за сè. Понекогаш едноставно те преоптоваруваaт емоции, кога веќе не знаеш што да правиш, кога некој со месеци произведува кризи – изјави Вучиќ за одењето во Тирана.

Како што додаде, сè што кажал било вистина.

На патот ќе има многу добри работи за нашите граѓани. Тешко ми е кога станува збор за Косово и Метохија да го разберам тој јазик за двете страни, а ние ништо не сме направиле. Не сум сигурен, но дефинитивно ќе има некои придобивки од моето одење во Тирана. Ако не одам, сигурно ќе имаше голема штета за нашата земја – рече тој.

Македонската владина делегација на самитот ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, а во неа се и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Шефот на дипломатијата, Османи, оцени дека самитот ЕУ – Западен Балкан е сериозна порака за посветеноста на ЕУ во регионот.

– Овој самит се случува во нова консталација на односите, поради фактот што ние ги почнавме преговорите. Ќе има четири земји од регионот што преговараат со ЕУ во однос на кандидатскиот статус. Веќе полека се консолидира прашањето дека не само ЕУ туку и земјите од Западен Балкан немаат алтернатива во однос на тој процес – истакна вчера, во пресрет на самитот, Османи.

Дополнителна грижа за Рама беше и најавениот протест на опозицијата за време на самитот, но тој беше оптимист дека нема да има инциденти, бидејќи „самитот е организиран подолго време и се преземени сите мерки од Албанија и европските организатори“.

Пред почетокот на самитот, се очекува телеком оператори од земјите од регионот и ЕУ да потпишат декларација, како прв чекор за намалување на цените на роамингот од октомври 2023 година. Процесот, како што брифираат ЕУ-претставниците, ќе продолжи и понатаму, а операторите ќе преговараат со цел постигнување на крајната цел.

Самитот ЕУ – Западен Балкан е дел од стратешката агенда на Советот на Европа 2019-2024. Претходниот самит ЕУ – Западен Балкан се одржа во Брдо кај Крањ во Словенија, во октомври 2021 година.