Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Гордана Силјановска вчера обвини дека замениците-министри од ДУИ се со несоодветно образование за позициите. Таа ги обвини Башким Хасани, Назим Буши и на Агим Нухиу, кои вчера Собранието ги изгласа за заменик-министри, за галопирачко образование додека се на власт и за оскудно професорско образование.
Како сите научно цветаат кога ќе влезат во министерските функции, а дотогаш немаат ни регуларно образование?, праша Силјановска, која кажа дека ѝ пречи таа концентрација на моќ.
Како пример дека ДУИ 20 години ги менува истите 20-30 личности на разни функции, таа го наведе членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети.
-Кога партијата ДУИ е во прашање, кога ќе видите некои од личностите, што ќе заклучите? Дека за 20 години, помеѓу 20 и 30 луѓе постојано се менуваат на различни функции. Тоа значи огромна концентрација на моќ, и мора да размислиме дали е ова во ред. Ќе дадам еден еклатантен пример: министер за правда, па уставен судија, па народен правобранител, па јавен обвинител. Невозможно. Ренесансни личности нема, ова во науката ние го нарекуваме ротирачки рингишпил или ротирачка вртелешка. Истите луѓе одат и во регулаторни тимови. Мислам дека треба да размислиме дали е тоа во ред, вели Силјановска.
По целодневна расправа Собранието вечерва доцна ги изгласа замениците-министри што ги предложи премиерот Димитар Ковачевски и со тоа се комплетира Владата. За замениците гласаа „за“ 63 пратеници, „против“ беа 35.