Санацијата на патот Стење – Коњско

Директорот на Јавно претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, преку објава на Фејсбук информираше за санацијата на патот Стење – Коњско, истакнувајќи дека Преспанскиот крај е еден од најубавите и најживописни региони во Македонија, кој заслужува квалитетна и безбедна патна инфраструктура.

Увид во градежните активности на терен

Трајановски соопшти дека денеска, заедно со градоначалникот на Општина Ресен Општина Ресен Јован Тозиевски, пратениците Ѓоргија Сајкоски и Кире Божиновски, заменик-директорот на ЈП Македонијапат Александар Шуковски и стручните тимови, бил извршен увид во напредокот на работите што се реализираат на оваа делница.

30 милиони денари за патот Р1307

Во рамки на Програмата за одржување и заштита на државните патишта за 2025 година, за санација на регионалниот пат Р1307, на потегот од Стење до Коњско, се издвоени 30 милиони денари. Според извршениот увид, досега е реализирана санација на трупот на патот во должина од 3.800 метри, со израмнување и вградување на 1.300 кубни метри тампонски слој, со ширина од 4,5 до 5 метри.

Асфалтирање и подобар пристап до Преспа

Дополнително, асфалтирани се 3.800 метри со вкупно 1.980 тони асфалт, со просечна ширина од 3,6 метри, а во кривините проширена до 4,5 метри. Трајановски потенцира дека оваа инвестиција значи подобар пристап до Преспа, придонес за развој на туризмот и економски раст на локалните заедници, нагласувајќи дека Преспа заслужува да биде достапна и безбедна за сите.