Петнаесет возачи на автобуси, минибуси и патнички возила кои вршат јавен превоз на патници ја пречекориле дозволената брзина на движење. Откриени се во акциска контрола што ја спроведе Секторот за внатрешни работи од Тетово.

– На 04.01.2022 во периодот од 06.00 до 10.00 часот на автопатот Гостивар – Тетово – Скопје и магистралата Гостивар-Кичево, полициски службеници на СВР Тетово спровеле засилена акциска контрола за брзина со која се движат автобуси, минибуси и патнички возила кои вршат јавен превоз на патници. При контролата, биле откриени и санкционирани вкупно 15 ваков вид возила (ТЕ-10 и ГВ-5), кои ја пречекориле максимално дозволената брзина за оваа категорија учесници во сообраќајот, се вели во денешното соопштение од МВР.

Едно од возилата се движело дури со 70 километри на час повеќе од дозволеното.

Против сите се направени соодветни пријави и како што велат од МВР, сите ќе се соочат со законски предвидените санкции.