За Сарацин, Договорот од Охрид за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, со посредство на Европската Унија е добра можност за целиот регион, а особено за Косово и Србија, па затоа порачува да не се дозволи договор кој нуди можности да биде фрлен поради глупост
По вчерашниот конфликт меѓу граѓаните и косовската полиција во општините со мнозинско српско население, на северот на Косово од утринава е мирно
По средбата со премиерот на Косово, Албин Курти и претседателката, Вјоса Османи, специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, замина во Митровица. Тој во базата на ЕУЛЕКС имаше средба со преставниците на двете мисии на Косово, КФОР и ЕУЛЕКС.
Тој кажа дека спонтано решил да дојде на Косово, по вчерашните случувањата за кои вели дека предизвикале загриженост.
Сарацин додаде дека Договорот постигнат во Охрид со посредство на Европската Унија и надворешните претставници Борел и Лајчак, е добра можност за целиот регион, а особено за Косово и Србија, па затоа порачува да не се дозволи договор кој нуди можности да биде фрлен поради глупост.
„Договорот е добра можност за целиот регион, особено за Косово и Србија, за мир и спокојство. Мојата порака денеска е дека нема да дозволиме Охридскиот договор кој нуди можности, да биде фрлен поради глупост. Разбирам дека за многу луѓе во Република Косово изјавите за Охридскиот договор кои доаѓаат од Белград се неприфатливи и тешко разбирливи. Но, секој политичар во оваа земја и регион има одговорност за своите постапки и секако чувството на некои од нив е дека работите не одат како што треба, не може да се носат непромислени одлуки“.
рече Сарацин.
Германскиот претставник го посети и мостот „Ибри“, кој го дели градот Митровица на два дела. На прашањето на ТВ Клан, какви се неговите импресии по средбата што ја одржа со Курти, тој одби да коментира.
Инаку, по вчерашниот конфликт меѓу граѓаните и косовската полиција во општините со мнозинско српско население, на северот на Косово од утринава е мирно.
Тензиите во општините со мнозинско српско население во Косово се случија откако новоизбраните градоначалници, на изборите што ги бојкотираа Србите, вчера ги презедоа функциите и влегоа во општинските згради. Во судир на косовската полиција со Србите беа повредени десетина лица.
Постапките на косовските власти наидоа на осуда од меѓународната заедница. Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, го повика премиерот Албин Курти да го смени курсот и потенцира дека Косово постапува спротивно на советите од САД и од европските партнери. Порача дека ваквите постапки ќе се одразат на билатералните односи меѓу Косово и Србија.
Европската Унија, пак, нагласи дека нема да прифати никакви дополнителни еднострани или провокативни дејствија и порача дека приоритет треба да бидат зачувувањето на мирот и безбедноста на теренот.