Полицискиот инспекторат на Косово, во координација со Министерството за внатрешни работи во Приштина, формираше заеднички тим кој треба да ги оцени постапките на полицијата при вчерашните инциденти пред општинските згради во Зубин Поток, Звечан и Лепосваиќ.

„Целта на ваквата одлука е да се осигура дека косовската полиција ги извршува своите должности во согласност со уставните и законските стандарди и овластувања, со цел да се создаде безбедна средина за граѓаните без разлика. Исто така, тој тим има намера да утврди дали при оваа акција биле пречекорени полициските овластувања“, се вели во соопштението.

Во зависност од резултатите од истрагата, ќе се постапува согласно законот, во координација со полицијата и обвинителството, се заклучува во соопштението.

Мисијата на КФОР ги осуди „сите еднострани дејствија што ризикуваат понатамошна ескалација на тензиите“ во Косово.

„Наш прв приоритет останува осигурување безбедна средина, во согласност со нашиот мандат“, објави синоќа мисијата на Твитер.

Во соопштението на Кфор се додава дека тие „внимателно“ ја следат ситуацијата на северот на Косово.