На мое лично задоволство и на задоволство на сите граѓани на Општина Гевгелија, извршена е реконструкција на кошаркарското игралиште „Иван Пенов“ во Гевгелија. Младите во Гевгелија добиваат ново, модерно кошаркарско игралиште на кое е поставена модерна подлога со сите ФИБА стандарди, со средства обезбедени од програмата за изградба и реконструкција на спортски терени од буџетот на Општина Гевгелија, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов.
-Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на членовите на Советот кои дадоа поддршка на оваа програма. А, од мое лично име и од името на сите членови на Советот на Општина Гевгелија упатувам огромна благодарност до фамилијата Пенови, која што беше и иницијатор и која даде огромен придонес, ова игралиште да го добие денешниот лик. Како градоначалник се обврзав да вложуваме во инфраструктурата и во спортските терени, бидејќи тие се основа за правилен, физички и психички развој на нашите деца. Во изминатиот период, обновен е фудбалскиот терен на градскиот стадион во Гевгелија. Во функција е ставено и фудбалското игралиште во Мрзенци, а во моментов се консолидираат и обновуваат фудбалските игралишта кои беа напуштени во Миравци и Прдејци, вели Сарамандов.
Тој додава дека во наредниот период ќе бидат реконструирани и фудбалските терени на Негорските бањи кои ќе претставуваат тренинг база на јуниорите, кадетите и пионерите на фудбалскиот клуб Кожуф. А во спортската сала на основното училиште „Владо Контарџиев“ ќе биде заменет подот, со што ќе се создадат услови за работа на најмладите категории на кошаркарскиот клуб Кожуф.
-И на крајот, сакам да најавам дека ќе се изврши и реконструкција на надворешното игралиште ДТВ Партизан. Веќе се превземени припреми и направено е асфалтирање на тој терен и наскоро, Гевгелија ќе добие уште едно ново, мултифункционално спортско игралиште, рече Сарамандов.