Катевеновски откри причината за своето разрешување

Власта на СДС и ДУИ целосно ја контролирала судската власт, се наведува во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, по насока на тогашниот премиер Зоран Заев и коалициските партнери, се бирале само „подобни и послушни судии и обвинители“, а непристрасните професионалци се разрешувале експресно, понекогаш за само еден ден.

„По насока на СДС и Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се разрешувале непристрасни судии и професионалци кои не беа под нивна контрола“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Како пример, партијата го наведува случајот со поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски, кој во телевизиско гостување тврди дека бил разрешен поради тоа што не дале позитивно мислење за случај поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.

„После само еден ден од мојата изјава, Судскиот совет свика итна седница и експресно ме разреши, иако изјавата ја дадов зад затворени врати. Моето разрешување не беше случајно, туку резултат на наредби од тогашните власти СДС и ДУИ, односно Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Катевеновски.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека „СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас“, истакнувајќи дека тоа време мора да се надмине со одговорност.

„Овој случај уште еднаш покажува дека СДС и ДУИ си ја партизираа државата и ги заробија институциите. Тоа време веќе заврши и за тоа е потребна одговорност“, посочуваат од партијата.