Опозициската партија бара одговори – Дали Филипче поседува златна виза за Дубаи?

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека СДСМ и Венко Филипче не даваат одговор на сериозните прашања поврзани со наводното поседување на златна виза за Дубаи Од партијата велат дека веќе неколку дена ги поставуваат овие прашања, но досега не добиле никаков одговор од ниту еден претставник на СДС, ниту од самиот Филипче.

„Иако изминатите неколку дена ги прашуваме да одговорат, дали по примерот на Зоран Заев и неговиот чувар на партиското претседателско столче, Венко Филипче поседува златна виза за Дубаи, одговор нема“, се вели во писменото соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Молкот како потврда?

Од партијата отворено прашуваат:

Дали молчењето и на СДС и на Филипче е потврда за овие дилеми?

Според ВМРО-ДПМНЕ, познато е дека лице кое се стекнува со златна виза во Обединетите Арапски Емирати мора да вложи инвестиција од неколку милиони евра.  Според нив, отвора дополнителни сомнежи за потеклото на тие средства.

„Јавно познато е дека човек со таков документ, златна виза, може да се стекне со инвестиција која достигнува неколку милиони евра“, стои во соопштението.

Прашања за личното богатство и имот на Филипче

ВМРО-ДПМНЕ директно прашува:

„Колку милиони Венко Филипче однесе во Дубаи, за да стекне со таа златна виза исто како и неговиот водач, Заев, кој таму гради висококатница?“

Според нив, јавноста има право да знае дали поранешниот министер за здравство, кој ја извршуваше функцијата во време на една од најголемите глобални кризи, искористил дел од тие околности за сопствена финансиска добивка.

„Имајќи предвид дека Филипче е поранешен министер за здравство и тоа во периодот на најголемата светска криза во поновата историја, ковид кризата, дали во Дубаи го однесе ќарот од кризата, која тој ја претворил во можност за негова финансиска придобивка, како и од криминалот направен во тоа време?“, прашуваат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека СДС има обврска пред јавноста да даде прецизни и конкретни одговори за случајот.

„СДС, наместо да молчи, има обврска на јавноста да и даде прецизни одговори дали и Венко Филипче има и како ја добил златната виза за Дубаи“, завршува соопштението.

Извор: Makfaks