СДСМ обвинува дека проблемот со безбедноста на водата за пиење во Македонија добива пошироки размери, откако, како што наведува партијата, во јавна чешма со кисела вода во Кривогаштани биле утврдени бактерии поради кои водата не е безбедна за пиење.

Од СДСМ наведуваат дека во водата биле пронајдени Escherichia coli, интестинални ентерококи и Pseudomonas aeruginosa, како и зголемен број колиформни бактерии.

„По Гостивар и над 50 места низ цела Македонија, четири реки, сега и лоша вода во Кривогаштани“, наведуваат од СДСМ, обвинувајќи ја Владата за системски пропусти и недоволно информирање на јавноста.

Опозициската партија повторно го отвора и прашањето за состојбата со водата во Гостивар. Од таму тврдат дека сè уште нема официјален документ со кој се потврдува исправноста на водата и целосната анализа на состојбата, ниту, како што велат, јасен одговор кој е одговорен.

СДСМ бара од надлежните институции да одговорат кој дозволил граѓаните во Гостивар да користат неисправна вода и зошто сè уште нема целосна одговорност за случајот.

Од партијата оценуваат дека случаите во Гостивар, Демир Капија и Кривогаштани не треба да се третираат како изолирани проблеми, туку како прашање што бара сериозна институционална реакција.