СДСМ и институциите што ги предводи креира и реализира навремени и сеопфатни економски мерки за поддршка и помош на домашната економија и компаниите погодени со кризата предизвикана од пандемијата со коронавирусот, се вели во утринското соопштение од партијата.
Оттаму велат дека во склоп на петтиот пакет економски мерки е предвидена нова линија бескаматни кредити во износ од 615 милиони денари или 10 милиони евра, пари од Буџетот, кои ќе се пласираат преку Развојната банка.
Кредитите во висина од 3.000 до 30.000 евра се наменети за микро, мали и средни трговски друштва до 250 вработени од областа на туризмот, угостителството, ивент-индустријата, приватните здравствени установи, трговци поединци и занаетчии, кои имаат пад на приходите од најмалку 30% и капитал и резерви во своите биланси не помалку од 33% од износот на бараниот кредит, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата додаваат дека овие бескаматни кредити имаат грант компонента до 50%, односно до 15.000 евра, која се применува ако корисниците годинава ги зголемат приходите за најмалку 10% и ако го зголемат бројот на вработени за најмалку 5% во однос на 2020 година.