СДСМ соопшти дека повторно ја враќа можноста за коментари на своите објави на социјалните мрежи, на сите платформи, откако пред неполн месец партијата ги затвори коментарите на официјалните профили.

Опозициската партија сега повикува на поголема вклученост на граѓаните и јавна дискусија во дигиталниот простор, иако токму таа претходно ја ограничи можноста јавноста да коментира на нејзините објави.

Од СДСМ апелираат граѓаните да се вклучат во иницијативата за „чистење на просторот од омраза и поделби“ на социјалните мрежи, преку активна реакција, учество во онлајн комуникацијата и пријавување несоодветни коментари.

Партијата повикува на заедничка акција и поголема ангажираност на јавноста, со цел, како што наведува, поттикнување конструктивен дијалог и намалување на негативните содржини. Сепак, враќањето на коментарите доаѓа откако СДСМ претходно се соочи со критики дека со нивното исклучување практично ја затвори јавната дебата на сопствените профили.