Пораст на минималната плата за 10% и на пензиите за 6-7% во 2023, најавуваат од СДСМ. Од таму велат дека 2022 била година на предизвици и соочување со економската криза, додека 2023 ќе биде година на закрепнување на домашната економија.
Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ од каде велат дека СДСМ изгледа се уште е во празнична еуфорија. Од партијата на Мицкоски додаваат дека токму поради лошите политики на СДСМ, стандардот на граѓаните е на најниско можно ниво.
-Платите и пензиите ја изгубија трката со цените. Тоа што можело да се купи со илјада денари, денес не може да се купи со две илјади. Македонија се соочува со највисока инфлација во регионот и една од највисоките во Европа. Во светот сме меѓу првите земји по раст на цените за храна. Тоа значи дека нашите граѓани најбрзо и најмногу осиромашуваат во споредба со другите-велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Што се однесува до странските инвестиции, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека сме последни во регионот споредено со Албанија, Косово и Србија кои имаат 2 до 3 пати повеќе странски инвестиции. И со домашната економија, Македонија според извештајот на Светска банка, 2022 ја завршила со слаб пораст на бруто домашниот производ.