Во текот на денешната расправа на собраниската комисија за буџетот за 2025 година, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, остро ги критикуваше ставовите на СДСМ и на поранешниот министер за здравство, Венко Филипче. Според Ковачки, критиките дека буџетот е „мегаломански и недомаќински“ се лицемерни, бидејќи токму владеењето на СДСМ резултирало со ненаменско трошење и огромни долгови.
„Слушав што изјавуваше Венко Филипче заедно со опозицијата последниве денови, и сите нивни аргументи се сведуваат на тоа дека буџетот е мегаломански, нереално планиран и недомаќински. Но, како може структура која создаде хаос во државата, буквално ја уништи и испокраде, сега да зборува за домаќинлук, мегаломанство и за планирање? СДСМ потрошија 30 милијарди евра на мегаломански начин, а притоа не реализираа ниту еден проект. Дали некој може да се сети на нешто конкретно што тие направиле за оваа држава во изминатите седум години? Нема такво нешто. Сите тие 30 милијарди евра заминаа во неповрат.“
Предлог буџетот за 2025: Поддршка за пензионерите и работниците
Ковачки детално го образложи предлог-буџетот за 2025 година, нагласувајќи дека тој обезбедува конкретни бенефити за граѓаните.
„Во предлог-буџетот е предвидено дополнително зголемување на пензиите за 2.500 денари. Со ова, предизборното ветување за зголемување на пензиите за 5.000 денари во првата година од мандатот ќе го реализираме за само девет месеци. Но, за тоа нема да гласаат Венко Филипче и неговата политичка номенклатура.
Тој посочи дека зголемувањето на платите е еден од приоритетите, со предвидено зголемување од 5% во 2025 година и 46% до крајот на мандатот.
Исто така, тие нема да гласаат за зголемување на платите за 5% следната година, а до крајот на мандатот платите ќе бидат зголемени за вкупно 46%, како што е предвидено. Колективниот договор ќе се испочитува во целост. Зборувате за покачување на платите во полицијата? Ние кажуваме дека ќе ги зголемиме за 10%. Парите за ова веќе се предвидени во буџетот.“
Ковачки: Критики за односот кон младите и студентите
Ковачки ги обвини СДСМ дека со негласањето за буџетот се против младите и нивните права.
Со негласањето за овој буџет, СДСМ покажува дека е против студентите. Блокираат изградба на студентските домови кои веќе се отпочнати и ги спречуваат ваучерите од 250 евра кои треба да ги добие секој студент,“ изјави тој.
Според Ковачки, буџетот за 2025 година има за цел да ги подобри условите за младите, пензионерите и вработените во државата, а негласањето за него ќе биде директна штета за граѓаните.
Со новиот буџет, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ќе се реализираат значајни проекти за сите граѓани, додека СДСМ ја блокира реализацијата на овие бенефити преку нивното негласање.