На денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски ја критикуваше опозициската СДСМ, наведувајќи дека партијата испраќа спротивставени пораки околу линеарното зголемување на пензиите. Според него, јавноста не добила јасен и конзистентен став дали СДСМ ја поддржува мерката или не.

„Очигледно е молчењето на СДСМ, кое што е стратегија откако влетаа во офсајт. Дали СДСМ и пратениците на СДСМ го поддржуваат линеарното зголемување на пензиите кое што го направи оваа Влада, или не го поддржуваат? Затоа што доаѓаа какафонични изјави. Еден ден излегуваат и велат дека тоа е добро, друг ден доаѓа пратеник и објаснува како тоа не било добро…“, изјави Петрушевски.

Тој побара опозициската партија да се произнесе со официјално мислење, особено во период кога Уставниот суд ја преISPитува уставноста на одлуката за линеарно зголемување.

„Убаво е да излезе некој и да одговори кој е ставот на СДСМ, со оглед на актуелноста на темата и она кое што овој период се случува во Уставниот суд… преиспитувањето на одлуката е дали било дискриминација на оние пензионери кои што земале големи пензии, затоа што не добиле процентно поголеми суми“, рече Петрушевски.

Тој го оцени како „апсурд“ тоа што Судот ја разгледува можната дискриминација, додавајќи дека, според негови зборови, постојат „повеќе врски“ меѓу СДСМ и постапката во Уставниот суд. Во својот настап посебно се осврна на судијката известителка Добрила Кацарска.

„Видовме овде како пратеници на СДСМ ја бранеа Кацарска, која што е судија известител… и која молскавично напредуваше во својата кариера за време на СДСМ после оние монтирани случаи“, изјави тој.

Петрушевски заклучи дека граѓаните треба да знаат дали СДСМ смета дека линеарното зголемување на пензиите е добро или не, укажувајќи дека токму оваа мерка е во фокусот на јавниот интерес.