СДСМ влезе во судир и со својот градоначалник во Крива Паланка, бара референдум за рудникот за антимон

СДСМ преку соопштение јавно му се обрати на градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, кој доаѓа од редовите на партијата, со барање да распише референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат дали се за отворање рудник за антимон во нивниот регион.

СДСМ го обвини својот градоначалник дека се договарал со Мицкоски

Во соопштението, СДСМ наведува дека народот на Крива Паланка треба директно да се изјасни за ова прашање и оценува дека градоначалникот Сашко Митовски не смее самостојно да носи одлуки или да договара вакви проекти со премиерот Христијан Мицкоски.

Од партијата порачуваат дека токму граѓаните, а не, како што наведуваат, експерти поврзани со ВМРО-ОКГ и бизнис интересите на Мицкоски, треба да пресечат дали сакаат рудник за антимон во својот крај.

СДСМ занемари колкав профит ќе носи рудникот

СДСМ истакнува дека не е против инвестиции, туку против, како што велат, рудник што го загрозува здравјето и „тивко убива“. Во партиското соопштение се наведува дека копањето антимон е една од најтоксичните рударски дејности во светот и дека носи сериозни ризици, меѓу кои респираторни заболувања, оштетување на срцето, проблеми со црниот дроб и бубрезите, дерматитис, анемија, репродуктивни нарушувања и зголемен ризик од рак на белите дробови.

Притоа се посочува и дека антимон триоксид е класифициран како веројатно канцероген за луѓето.

СДСМ се сврти против „своите“, упатена директна порака до Митовски

Во реакцијата, СДСМ потсетува и на рудникот Лојане, наведувајќи дека отпадот од старите рудници и денес ја загадува почвата, водата и воздухот, а последиците, според нив, и натаму ги чувствуваат жителите на тој регион. Партијата прави споредба и со проектите за литиум, за кои оценува дека зад ветувањата за работни места често остануваат загадена почва, вода и сериозни здравствени проблеми.

Во завршницата од соопштението, СДСМ упатува директен повик до градоначалникот Митовски, порачувајќи дека тој мора да ги слуша граѓаните, а не, како што велат, „човекот кој ја гледа државата како свој тендер“. Пораката е јасна: „Градоначалниче – референдум!“, со став дека граѓаните на Крива Паланка сами треба да одлучат за ова прашање.