Не постои земја во светот во која министер за надворешни работи јавно кажува дека води тајни разговори за судбината на државата, реагираат од СДСМ по интервјуто на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во кое тој вели дека се водат разговори „под радарот“ за деблокирање на европскиот пат на Македонија.
Како може иднината на Македонија да биде тајна за нејзините граѓани? Муцунски вели дека за разлика од претходната влада „тие не се попустливи”. Да потсетиме – Христијан Мицкоски го нарече Преспанскиот договор „ремек-дело на дипломатијата”, Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека националниот идентитет, јазикот и културата се целосно заштитени и апсолвирани. Истиот Тимчо Муцунски изјави дека НАТО е одлична работа – не само за безбедноста на граѓаните, туку и за странските инвеститори (кои ги избркаа – инвестициите паднаа за 60 проценти откако ВМРО-ДПМНЕ ја превзеде власта. Значи сите тројца го потврдија успехот на претходната влада и ја пофалија нејзината дипломатија. За какви „попуштања” зборува Муцунски? Нивните лаги повеќе не се ни креативни. Нема веќе материјал за креативност. Граѓаните ги прочитаа, велат од СДСМ во соопштение.
Од СДСМ велат дека нивната влада била транспарентна во минатото.
И уште нешто важно: претходната влада на СДСМ, покрај дипломатските успеси (НАТО и почеток на преговорите со ЕУ), беше пред сѐ транспарентна. Не работеше зад затворени врати и далеку од очите на јавноста, се додава во соопштението.
