Се бара притвор за насилникот кој на натпревар во Штип нападна две малолетни деца и предизвика несигурност кај публиката
Се бара притвор за насилникот од натпреварот Брегалница – Шкупи во Штип, информира Основното јавно обвинителство Штип. Тој е осомничен за кривично дело Насилство од член 386 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот извршил грубо насилство на 24 август на стадионот „Бело Брдо“ за време на натпревар меѓу младинските екипи на клубовите „Брегалница“ и „Шкупи“. Тој ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи на „Беласица“, и им нанесол телесни повреди. Присутната публика и јавноста почувствувале несигурност и страв.
Настанот се случил во 89-тата минута од натпреварот. Кога судијата поради фаул доделил втор жолт картон на синот на осомничениот, кој играл за „Шкупи“. Незадоволен, синот се однесувал неспортски, обидувајќи се да се пресмета со еден од играчите на „Брегалница“.
Тогаш таткото влегол на терен и со тупаници и клоци ги нападнал двете деца, предизвикувајќи повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација. Други лица од публиката влегле на терен за да ја спречат ескалацијата.
Јавниот обвинител поднел предлог до судијата на претходна постапка за определување мерка притвор за осомничениот. Тоа е поради сериозноста на делото, опасност од бегство и можност за повторување на насилството.