Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на настан заедно со заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на ЈПДП, Коце Трајановски. Во своето обраќање, тој најави градежен бум од историски размери, потенцирајќи дека никогаш досега во независна Македонија не се реализирале толку многу проекти истовремено.

– Имаме околу 1.200 активни градилишта на кои се работи низ целата држава, а со дополнителните проекти финансирани од Владата и јавните претпријатија бројката достигнува импресивни 1.500. Ова е историска бројка што никогаш не се случила досега, а тоа покажува дека Македонија конечно се гради, наместо да се краде – рече Мицкоски.

Премиерот најави и дека в петок ќе се одржи работен состанок во Стопанската комора, на кој ќе се координираат капацитетите на домашната градежна оператива за да можат да одговорат на овој интензивен развоен план.

– Сакаме колку што е можно повеќе македонски компании да ги реализираат овие проекти. Затоа ќе направиме план и динамика, за нашата градежна оператива да го издржи темпото – истакна тој.

Мицкоски упати благодарност до пратениците од југоисточна Македонија, кои како што рече, се борат за секој проект во регионот, но и до вработените во Министерството за транспорт, ЈПДП, и до сите граѓани.

– Граѓаните се нашата инспирација. Убеден сум дека во периодот што следи, ќе реализираме уште илјадници нови проекти за подобар живот за сите – додаде премиерот.