Заклучно со вчерашните податоци, во Република Македонија има 6.967 активни случаи, од кои најголем број се во Скопје – 3.461, потоа во Куманово – 629, а на трето место е Тетово – 186.
Состојбата во градинките за сега е стабилна, изјави вчера министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
– Согласно последните бројки, има само девет позитивни вработени и шест деца што значи состојбата е стабилна, појасни Шахпаска.
За сега, според Шахпаска не е потребен скрининг со брзи тестови за Ковид-19 во детските градинки. Посочи дека значајно е оти 76 проценти од сите вработени во градинките се вакцинирани, воспитувачите и негувателите се вакцинирани во многу повисок процент некаде до 78, 80 проценти, како и останатиот помошно технички персонал.
Од друга страна, од следната недела околу 8200 ученици од основните и средните училишта ќе бидат тестирани за присуство на Ковид-19 со земање брис. Тестирањето ќе се одвива по случаен избор од регистарот на Е-дневникот и ќе биде со согласност на нивните родители.
Министерот за здравство, Венко Филипче информираше дека скринигот е планиран да трае пет дена, а дневно да бидат тестирани по околу 1600 деца, во самите училишта од мобилни екипи. Тестирањето во средните и основните училишта се организира се со цел да се добие податок за евентуална тансмисија на вирусот во училиштата.
Околу 75 отсто наставници во училиштата се вакцинирани, а настава на далечина следат околу два процента од учениците, според податоците на Министерството за образование и наука.
Податоците на Министерството за здравство, покажуваат дека опфатот со вакцинација со една доза на полнолетната популација е 47, а со две дози 44 проценти. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во земјава е вакцинирана, а 35 проценти примила две дози вакцина.
Од петокот е затворен пунктот во салата „Борис Трајковски“ и сега за вакцинација функционираат седум поликлиники во рамки на Здравствениот дом Скопје, во две смени. Филипче претходно оваа недела информираше дека вакцини има доволно – на располагање се околу 260 илјади дози „Фајзер“, 45 000 дози „Синовак“, 100 илјади дози „Астра Зенека“.
Трета доза „Фајзер“ им се препорачува на сите граѓани, без оглед на возраста и дали се хронично болни. Следејќи ги искуствата на европските земји и САД, Комитетот за имунизација препорача трета доза не само за лица над 60 години и за здравствени работници, туку и за кои било други граѓани доколку се изложени на ризик од Ковид-19, поради тоа што имаат чести контакти на работа или приватно, без оглед на возраста и дали имаат или немаат хронични болести.
Според резултатите од истражувањето на Евробарометар, четири земји-членки на Европска Унија – Бугарија, Литванија, Хрватска и Словенија се најнезаинтересирани за вакцинација против Ковид-19. Околу 25 отсто од испитаниците во овие држави изјавиле дека никогаш нема да се вакцинираат. Во Бугарија нивниот процент е 26, во Литванија и Словенија – 24, а во Хрватска 22 отсто се изјасниле дека не сакаат да се вакцинираат.
Повеќе од половината испитаници во 22 земји-членки на ЕУ потврдија дека сакаат да се вакцинираат што побрзо или дека веќе се имунизирани. Најмногу вакцинирани се во Малта, Холандија и Ирска – 87 проценти, потоа следат Белгија – 86, Шпанија – 85, Шведска – 84 и Данска со 83 отсто.
Досега во Македонија се направени вкупно 1.319.879 тестирања за Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 194.575, бројката на оздравени пациенти е 180.791, на починати е 6.817.