Во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Албанија се случи масовен прекин во снабдувањето со електрична енергија. Според првичните информации, станува збор за регионален колапс поради големо оптоварување, голем пораст на потрошувачката на струја поради високите температури и самите високи температури.
Поради големиот прекин на струјата во многу делови од регионот дошло до сообраќаен колапс, а снабдувањето со струја по неколку часа е нормализирано.
Струјата во голем дел од Албанија ја снемало поради дефект на интерконективниот вод со Грција, предизвикан од високите температури. Операторот на преносниот систем ОСТ наведе дека големите количества пренос, како и екстремните температури се причините за целосното исклучување на далноводот, пренесува Албаниан пост.
Екипите на Црногорскиот електропреносен систем (ЦГЕС) забележале голем пожар на далновод од 400 киловати на непристапен терен на црногорската граница кон Босна и Херцеговина. Во меѓувреме сите градови во Црна Гора добиле напојување со струја и сите потрошувачи се снабдени, соопшти на конференција за новинарите ЦГЕС.
Хрватското електростопанство (ХЕП) соопшти дека работата на поправката на енергетскиот систем ќе потрае бидејќи станува збор за огромен дефект.
„Дефектот почна од Албанија и Црна Гора. Полека ги враќаме трафостаниците под напон. Тоа е постапка која трае, тешко е да се каже кога сите потрошувачи ќе добијат струја. Не се сеќавам во последните дваесетина години на толку големо подрачје да имало волку голем дефект“, соопштија од ХЕП за Радио Далмација.
Хрватските медиуми јавуваат дека електричната енергија без која денес остана цела Далмација почнала постепено да се враќа.