На конференцијата ќе учествуваат командантот на Сојузната команда на НАТО за трансформација во Норфолк, генерал Филип Лавин, началникот на ГШ на Армијата, генерал-мајорот Васко Ѓурчиновски, претставници на НАТО командите и штабовите и претставници на ГШ и на Министерството за одбрана. Во вторник, пак, на свечена церемонија во Вила Водно ќе биде потпишана Заедничката декларација со што земјата и формално ќе стане целосно воено интероперабилна членка на Алијансата. Потпис на документот од страна на НАТО ќе стави генерал Лавин , а во име на земјава началникот на ГШ на Армијата генерал-мајор Ѓурчиновски.

На средба со новинарите министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска истакна дека станува збор за заокружување на еден тежок процес на интеграција на земјата кој успешно го завшуваме за 2,5 години согласно предвидената динамика и покрај политичките предизвици со неколку избори и здравствената криза предизвикана од пандемијата со Ковид-19.

-Работата се одвиваше во повеќе области со 193 задачи и подзадачи од кои ниту една не беше лесна. На законодавно ниво осум закони поминаа во Собранието, најголем дел од нив се веќе стапени во сила, еден меорандум за разбирање, дополнително уште два закона кои не беа неопходни за воената интеграција се во тек. Целиот тој законодавен пакет релативно брзо успеавме да го завршиме, но моравме да покажеме дека и во делот на модернизација, внатрешни реформи, како и буџетско обезбедување, сме партнер, сојузник на кој можат да се потпрат. И во делот на финансирањето и во делот на модернизацијата покажавме дека тоа што беше најавено се реализира, рече Шекеринска.

Во делот на буџетот за одбраната работите се одвиваат со зацртаната динамика на негово зголемување од 0,2 проценти годишно. Оваа година тој изнесува 1,57, следната година треба да биде 1,77 од БДП, со цел до 2024 да достигне 2 отсто од БДП што е НАТО стандард. Од овие средства околу 30 проценти се искористени за опремување на Армијата.

По завршување на локалните избори за еден месец во НАТО-командите ќе бидат испратени и првите наши сертифицирани офицери. Станува збор за шестмина офицери кои ќе бидат дел  од НАТО-командната структура, позиции кои ни припааѓаат како членка на Алијансата.

-Работата не застанува тука, практично во моментот кога ќе станете членка и кога воено ќе се интегрирате тогаш темпото дури и се зголемува затоа што имаме нови цели. Треба да донесеме долгорочен план за развој на одбранбените способности кој ќе ги земе предвид целите кои НАТО ни ги постави, вели Шекеринска.

Според генерал Нуредин, кој е раководител на процесот на воена интеграција на  Македонија во НАТО и го предводи тимот,  секоја нова членка на Алијансата има обврска да го заокружи овој процес на воена интеграција дефиниран со НАТО-директивата за прием на нова земја-членка согласно Националниот план за интеграција изработен од наша страна и НАТО – планот за поддршка.

-Главна цел на Република Северна Македонија во овој процес беше интеграција на Армијата во НАТО-командната структура како и во структурата на силите на НАТО со што ќе се обезбеди нејзин целосен придонес во извршувањее на мисиите и задачите на Алијансата како земја членка, рече генерал Нуредин.

Процесот на воена интеграција на  Македонија во НАТО започна по потпишувањето на Протоколот за пристапување на нашата земја во Алијансата. Процесот на воена интеграција го следеше, координираше и имплементираше работна група составена од експерти, која работеше во седум области и тоа: администрација, опремување и модернизација, структура на сили, едукација, обука, вежби и евалуација, логистика и медицина, интеграција на системот за воздушно набљудување со системот на НАТО и комуникациско-информациски системи и сајбер одбрана.

Во рамки на овој процес сертифицирани се над 150 офицери и преку 40 наши инструктури кои ќе го следат процесот на оценување на единиците, извршена е набавка на 152 борбени возила (ошкош и страјкери) од кои првите десеттина треба да пристигнат во почетокот на 2022 година, опремен е центар за контрола на воздушниот простор кој ќе биде ставен во функција на крајот од ноември во делот на опремувањето на Армијата. Потпишан е технички договор за „ер полисинг“, односно воздушното покривање со НАТО кој го спроведува Грција со која претходно е потпишан и билатерален договор. Во следните поголеми набавки се и хаубици за артилеријата, а во 2024 и на хеликоптери.