Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, тврди дека опозициската партија располага со информации од Брисел дека Владата веќе договорила конкретни чекори и дека прави пресврт во однос на своите претходни ставови.
„Се подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог. Наши информации од Брисел зборуваат дека владата на Мицкоски тоа веќе го договорила и тоа се јасни сигнали што пристигнаа и од Брисел, Берлин и од Париз. Исцрпени се буквално сите обиди и лаги што претходно се обидуваа луѓето од Владата да ни ги продадат. Се сеќавате, сè започна со некакво одложено дејство, па потоа со специјални услови, па потоа дека ќе имаме, нели, за нас некакви посебни договори итн.“, изјави Жерновски.
Од Министерството за надворешни работи возвратија дека СДСМ се обидува да создаде хистерија во јавноста и дека институциите редовно комуницираат со земјите членки на Европската Унија, европските институции, Бугарија и со другите меѓународни партнери.
„Факт е дека институциите редовно комуницираат со земјите членки на Европската Унија, со европските институции, со Бугарија и со другите меѓународни партнери. Овие разговори се водат транспарентно, а позицијата на Владата е јасна и повеќепати јавно потврдена. Нема отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата. Полноправното членство во Европската Унија останува стратешка определба и крајна цел на оваа Влада“, соопшти МНР.
Професорот по политички науки Огнен Вангелов оцени дека разговорите зад затворени врати се вообичаени, но дека за евентуално решение е потребен национален консензус. Тој предложи да се бара механизам со временско дејство, со кој уставните измени не би биле неповратни доколку во иднина следува ново бугарско вето.
„Нашиот уставен систем е таков што – еднаш кога ќе се направат уставни измени, потоа е политички не можно да се вратат назад. Потребно ни е бадентерово мнозинство и кога еднаш ќе се направи после тоа станува иреверзибилно. Да се најде механизам, тие уставни измени да не бидат неповратни. Со идно бугарско вето, да ги извадат од сила. Потребен ни е механизам со времено дејство – уставните експерти може да најдат такви модалитети. Такви механизми може да го направат идното бугарско вето – скапо за Бугарија“, изјави Вангелов.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски претходно изјави дека се работи на решение со Бугарија за излез од европскиот ќорсокак, но дека деталите не можат јавно да се објавуваат за да не се загрозат шансите за успех. И евроамбасадорот Михалис Рокас порача дека зад радарот на јавноста се бара решение за деблокирање на македонскиот пат кон Европската Унија.
