Во услови на високи цени на основните прехранбени производи, Владата подготвува нов пакет мерки за олеснување на семејниот буџет. Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Зрновци изјави дека институциите се насочени кон решенија што ќе одговорат на реалните потреби на граѓаните.
„Мерките се во тек, а тоа што не правиме естрада од политиките што ги водиме не значи дека не се грижиме“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека екипите на Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита од конкуренција постојано се на терен, а веќе се покренати и одредени постапки. Потсети дека на почетокот на учебната година беше воведена т.н. училишна кошничка, со која се намалија цените на повеќе производи што ги користат учениците.
Премиерот најави дека наскоро ќе се пресметаат посебни потрошувачки кошнички – за самец, млад брачен пар, тричлено и четиричлено семејство, како и за пензионери.
„Останувам на ставот дека трошоците на различни категории граѓани не се исти и не може исто да се третираат“, додаде тој.
Сојузот на синдикати на Македонија вчера објави дека вредноста на синдикалната минимална кошничка за септември 2025 изнесува 65.077 денари, што е намалување за 430 денари во споредба со август. Според нивните пресметки, едно четиричлено семејство најмногу трошело за храна и пијалаци – 23.394 денари или 35,9 отсто од кошничката, додека останатите трошоци биле распределени за облека и обувки, домување, транспорт, образование и здравје.